ПОЧНА ПОСТАПКАТА ЗА ИЗДАВАЊЕ НА ЕВРООБВРЗНИЦА

Македонија денеска ја издава најголемата еврообврзница во својата историја од 800 милиони евра, седма по ред од осамостојувањето на земјата.

Станува збор за шестгодишна еврообврзница, но додека не заврши целата постапка, од Министерството за финансии велат дека не се знае колкава камата ќе има, односно колку скапа ќе биде за нашата земја. Министерката за финансии и гувернерката имале видео презентација со заинтересираните инвестори, што во услови на светска пандемија, е замена за стандардното роуд шоу што се одржува пред издавањето на еврообврзниците. Во објавата стои дека процесот ќе се заокружи на 3 јуни и дека земјава ја издава за да го поддржи буџетот оваа но и следната година.

Со оваа еврообврзница Македонија годинава ќе се задолжи вкупно 1.75 милијарди евра, што за 750 милиони повеќе од првично планираното, пред да се појави светската пандемија со Ковид 19.

Во странство ќе се задолжиме 1.25 милијарди, а околу 500 милиони на домашниот пазар.

Еве од каде државата ќе зема пари. Покрај еврообврзницата од 800 милиони евра, веќе земавме заем од ММФ од 176 милиони евра, а се чекаат и 160 милиони евра од ЕУ. Задолжување има и кај Светска банка.

На домашниот пазар, земјата ќе земе кредити од 132 милиони евра од домашните банки, но главното задолжување од 355 милиони евра ќе биде со државните хартии.

Наспроти задолжувањето за годинава, за враќање имаме 705 милиони евра. Догодина дури 936 милиони, а во 2022 треба да вратиме 353 милиони евра.

Јавниот долг изнесува 5,5 милијарди евра, а до крајот на годината тој ќе се зголеми на 57% од БДП.

Последната еврообврзница треба да биде „вакцина“ против економските последици од коронавирусот. Според партиските „бои“ Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ издала четири еврообврзници, додека на СДСМ оваа им е трета. Првата ја издаде министерот Никола Поповски во 2005 година во висина од 150 милиони евра. Втората е најскапа. Ја потпиша министерот Трајко Славески, само десетина дена пред на неговото столче да седне Зоран Ставрески. Поради финансиската криза, каматата беше до плафон, дури 9,8%. Најевтината ја издаде Тевтовски, со камата од 2,75%.

Вредноста за сите еврообврзници е речиси 3 милијарди евра, плус камати.

Извор Тв24