Сведок за „27 април“: Вељаноски можеше да го спречи инцидентот

Поранешниот собраниски спикер, Трајко Вељаноски можел да го спречи упадот во Собранието на 27 април. Ако побарал, службите веднаш ќе го исклучеле микрофонот на собраниската говорница и нема да можело да се пее македонската и албанската химна која доведе до ескалација на настаните и упад во објектот.

Ова денеска на судењето за нарачателите на крвавиот упад во Собранието го кажа вработен во овој објект задолжен за системот за гласање и мониторинг, Сашко Коцевски. Тој се потсети дека пред пеењето на химните, тогашниот координатор на СДСМ, Оливер Спасовски, барал промена на дневиот ред и процедурално да се обрати од говорницата, но бил одбиен од Вељаноски. По него, збор побарале пратениците Илија Димовски, Џевад Адеми и Зекирија Ибрахими. Коцевски во судот забележа дека иако Ибрахими не бил претседател или заменик на пратеничка група, сепак, тој прв добил право на збор. Коцевски во судот тврдеше дека ВМРО ДПМНЕ ги организирале протестите на иницијативата „За заедничка Македонија“.

„Добивавме пораки од општински комитет, тие ги праќаа до претседателите на месните комитети и потоа до сите членови. Збирно место беше 17 часот, Влада на Република Македонија. Јас активно присуствував на протестите од самиот почеток, од крајот на февруари. Бев на дваесетина протести до 20 март 2017 година, прекинав да одам на тие протести, од причина што работните ангажмани не ми дозволуваа“, рекол сведокот Коцевски.

Според адвокатот Еленко Миланов, Коцевски не потврди дека Вељаноски можел да ја исклучи собраниската говорница. Спротивен е ставот на обвинителката Вилма Русковска.

„Овој сведок не потврди дека можел да исклучи, затоа што од 2017 самиот претседател (на собрание) може тоа да го исклучи. До 2017, односно пред овие настани, тоа можело да биде само преку компјутерскиот центар. Сметам дека апсолутно времетраењето на пеењето од Зекирија, шокот, сознанието што е и како е, не дозволувале таква реакција и со тоа сметам дека апсолутно ништо не се потврдува“, рече адвокатот Миланов.

„Дали требало да му даде збор на Зекирија Ибрахими или некој друг, колку што ме интересираше, односно сакав да слушне и јавноста и судот дека во моментот Трајко Вељаноски можел да го исклучи микрофонот на говорницата кога Зекирија Ибрахими ја пее албанската химна“, рече обвинителката Русковска.

Во Кривичниот суд денеска сведочеше и амнестираниот Михаил Младеновски, кој претходно како обвинет даде исказ во првиот судски процес за собраниските инциденти. Тој во судницата го потврди ставот дека тогашната Управа за безбедност и контраразузнавање го подготвила планот за упад во Собранието. Кажа дека протестите требало да направат притисок за формирањето на Влада. Младеновски од УБК добил задача да ги известува за излезноста на протеситите, мотивите на демонстрантите и нивната возарст.

Обвинителката Вилма Русковска изјави дека неговиот исказ ја докажува вмешаноста на ВМРО ДПМНЕ и на тогашните структури на УБК. За организација на крвавиот упад во Собранието на 27 април 2017 година, обвинети се поранешниот собраниски спикер, Трајко Вељаноски, екс министрите Спиро Ристовски и Миле Јанакиески, како и тогашниот директор на УБК, Владимир Атанасовски. Не им се суди на експремиерот Никола Груевски и оперативецот на УБК Никола Бошковски, бидејќи избегаа од државата. Наредното судење продолжува за два дена, а ќе сведочи премиерот Оливер Спасовски.

Извор АлсатМ