СДСМ за обвинувањата за изборен поткуп: Институциите нека истражат

Портпаролот на СДСМ Костадин Костадинов реагира на обвинувањата на Ели Панова од ВМРО-ДПМНЕ која на прес-конференција обвини дека власта дели хуманитарни пакети во Струмица и врши изборен поткуп.

Костадинов ги повика институциите да го истражат случајот, за како што вели, да се докаже дека „освен помош на граѓаните нема ништо друго“.

 

„ Покрај сите хајки, покрај сите малтретирања на младите волонтери кои помагаат во овие тешки моменти, на оние на кои им е најпотребно, ВМРО-ДПМНЕ сега преку кандидатката за пратеник од Струмица, дополнително ја подгрева и така вшештената ситуација Иако на сите им е јасно, сепак јас сум должен да прашам уште еднаш. Зошто како кандидатка за пратеник, не се вклучи во хуманитарната акција, доколку не сака да донира, можела кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ да се вклучи и да волонтира? Но јасно е, не им е до луѓето до парите им е. Кога сме веќе кај институциите еве и јас апелирам, слободно нека се истера работата до крај, за да конечно и на вас ви се докаже дека освен помош на нашите сограѓани друго нема ништо .Се надевам откако ќе завршат со овој случај, институциите ќе се позанимаваат и со потеклото на имотот на кандидатката за пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ“,

порача Костадинов.

На обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ реагираше и Здружението што ги дели пакетите во Струмица. Александар Марковски на својот профил на Фејсбук порача дека хуманитарната акција била уредно пријавена и дека во време на пандемија, кога не се знае кога ќе има избори, ваков тип на акција не може да се смета за изборен поткуп.

Станува збор за истото Здружение што ја организираше и хуманитарната акција со донации од семејството Заеви, чија дистрибуција беше запрена од полицијата.