„Тојота“ очекува пад на годишниот профит од 79,5 проценти поради пандемија

Корпоративниот оперативен профит на „Тојота Мотор” за тековната финансиска година ќе биде помал за 79,5 отсто и ќе изнесува 500 милијарди јени (4,66 милијарди долари), а тоа е резултат на пандемијата на коронавирусот, се вели во соопштението на компанијата, пренесено од ДПА.

Производителот на хибридните возила „Приус” и луксузните „Лексус”, исто така, очекува неговите приходи од продажбата до март 2021 година да паднат за 19,8 отсто во однос на претходната финансиска година, на 24 трилиони јени, а притоа да ги задржат очкувањата за нето заработка заради ефектите од пандемијата, додаваат од компанијата.

За периодот јануари-март „Тојота” забележа нето-профит од 86,3 отсто, или 63,2 милијарди јени, а оперативната добивка опадна за 27,5 отсто, на 384,1 милијарди јени. Продажбата во првиот квартал е намалена за 8,4 отсто, на 7,1 трилион јени, пренесува ДПА .