УАПСЕНИ ЛИЦАТА КОИ ВЧЕРА ПУКАА НА МАТКА

Четворица жители на селото Глумово и еден жител од селото Рашче, се уапсени по вчерашниот инцидент што се случи во кањонот Матка крај Скопје, информираше денеска Министерството за внатрешни работи (МВР).

Полицијата има основи на сомневање дека уапсените сториле кривично дело „насилство“. Меѓу уапсените го нема името на Мерван Сулејмани, внук на поглаварот на Исламската верска заедница (ИВЗ), Сулејман Реџепи кои според очевидците бил оној кој пукал во инцидентот.

Според полициското соопштение во пресметката помеѓу двете групи биле користени, ножеви, бејзбол палки и пиштоли.

„На 09.05.2020 во 20.20 часот 31 годишен жител на село Глумово пријавил дека истио ден околу 15 часот забележал дека негов соселанец пукал со пиштол кон еден од неговите браќа кои во тој момент биле на работа во Планинарскиот дом на Матка. До него биле уште двајца од напаѓачите кои носеле пиштоли. Во еден момент од расправијата друг соселанец со бејзбол палка го нападнал пријавителот на настанот. По ова напаѓачите веднаш избегале од местото на инцидентот“ – велат од МВР.

Освен ова од МВР не информираат зошто и покрај тоа што има докази дека внукот на реисот Сулејмани бил дел од напаѓачите и пукал во инцидентот, тој не се наоѓа меѓу приведените.

ТВ 24 од извори во истрагата дознава дека полицијата не може да го најде Сулејмани па затоа очекуваат распитот на уапсените да даде повеќе одговори за улогата на внукот на поглаварот на ИВЗ во вчерашниот инцидент.

Ден по пукањето, денеска на Матка беше мирно. Иако изостана вообичаената гужва за време на викендот сепак скопјани го искористија убавото време и олабавениот полициски час за да уживаат во убавините на кањонот кој е заштитено подрачје од трета категорија и е прогласен за споменик на природата. Денеска за првпат по строгиот карантин поради коронавирусот, во водите на вештачкото езеро се вратија нуркачите на клубот „Врело“.

Освен за вљубениците на природата и туристите, кањонот Матка од секогаш бил привлечен и за љубителите на брзиот профит кои бесправно градат веќе години наназад, а до сега никој од нив не е казнет. Матка не ретко е и причина за политички пресметки кои вообичаено се случуваат пред избори.

Извор ТВ24