Уставниот суд го укина посебниот полициски час за постарите од 67 и младите под 18 години

Посебниот режим за движење на пензионерите и малолетниците од утре не важи. Уставните судии со мнозинство гласови одлучија да изречат времена забрана за владината уредба со која што се ограничуваше движењето на овие две категории граѓани.

Наместо лицата над 67 години да се движат само од 5 наутро до 12 напладне, а оние до 18 години да се движат од 13 до 19 часот – сега полицискиот час за нив ќе важи како и за сите останати граѓани, односно од 19 часот па се до 5 наутро следниот ден.

Конечната одлука уставните судии ќе ја донесат на некоја од следните седници. Според мнозинството членови на Уставниот суд, ваквата владина одлука е дискриминирачка.

Од Владата за Канал 5 велат дека се уште немаат став за одлуката на Уставен, но дека за истата најверојатно ќе дискутираат вечерашната седница.

Сојузот на здружение на пензионерите вчера побара за лицата над 67 години да се олеснат рестрикциите за движење. Нивното образложение е дека во услови кога пандемијата од корона вирусот стивнува, посебната забрана за движење на пензионерите повеќе не е неопходна.

Инаку Уставниот суд денеска одлучи да не поведе постапка за уредбата за изборите но и донесе конечна одлука за владината уредба со која требаше да се исплатат заостанатите примања на вработените во поранешното СЈО.

Извор Канал5