Филипче: Барам да се спроведе истрага кој дозволил собир во Струга што е строго забрането

0
40

Сцените кои ги гледам од Струга се крајно разочарувачки за мене. Ги толкувам единствено како целосно непочитување на здравствените работници и сите кои деноноќно работат за да ја надминеме кризата, напишна на Фејсбук министерот за здрасвтво Венко Филипче.

„Од почетокот постојано повторувам дека без поддршка од граѓаните, здравствените работници не можат да направат ништо. Буквално ништо. Ако сакаме да го задржиме овој позитивен тренд мора ги почитуваме мерките без исклучок. Исто така, барам да се спроведе истрага како се дозволило да се случи ваков вид на собир кој е строго забранет. Апелирам до граѓаните да се воздржат од било какви собири за да конечно почнеме да го враќаме животот во нормала“, напиша Филипче.

Оваа реакција на министерот доаѓа по вчерашниот собир каде неколку стотици жители на Струга и покрај пандемијата на КОВИД-19 учествуваа во традиционален верски собир без да ги почигуваат пропишаните уредби за заштита како носење маски и одржување растојание од 2 метри.

Во Струга се одржа литија со чесните мошти на Светиот Великомаченик Георгиј и неговата чудотворна икона збогатена и со неговите чесни мошти од неговиот манастир во Рајчица, како и Чудотворната икона на Пресвета Богородица – Крнинска и на Христос Архиереј од Манастирот Пречиста Кичевска.

По улиците на Струга граѓани без да држат растојание од два метри и голем дел од граѓаните без заштитни маски или марами на лицата одеа зад свештените лица, кои низ градот ги носеа светите икони. Литијата ја предводеше Митрополитот Дебарско-кичевски господин Тимотеј, кој одржа литургија и во струшкиот храм Свети Георгиј Победоносец. Литијата на струшките улици ја обезбедуваше и полиција.

Одржувањето на литијата беше најавено на 4 мај на официјалната страна на Бигорскиот манастир. Во соопштението се вели дека годинава поради пандемијата на КОВИД-19 на неа ќе учествуваат само свештени лица, но не и граѓаните, што не беше испочитувано.

Извор Нова