Филипче: Би било комплетно несериозно и медицински неоправдано ако не го прифатиме фактот за можниот втор бран

Македонија вложи големи пари за да се справи со корона кризата. И дополнително ќе троши во јакнење на јавниот здравствен систем за да биде подготвена за можниот втор бран на Ковид-19, вели во интервју за „Независен“ министерот за здравство, Венко Филипче.

Тој нагласува дека мора да се изгради систем кој она што е направено ќе се одржи и постојано ќе се унапредува и надградува. „Верувам дека од оваа криза ќе излеземе сите помудри и дека одредени состојби и приоритети ќе се променат“, оценува Филипче. Со кризата, стана уште повидливо за сите дека здравството е еден од клучните столбови на државата и општеството. Тој вели дека ниту една приватна болница нема инфективно одделение и не третира пациенти со инфективни болести.

На прашање колку пари ја чини државата овој извонреден напор да се смири епидемијата со што помалку инфицирани и помалку жртви, министерот вели дека рано е да се каже, проценки ќе се прават кога сето ова ќе биде зад нас.

– Битката со Ковид-19 не е завршена. Точно дека ние бележиме стабилизација на состојбата според анализите на Комисијата за заразни болести направени врз основа на параметрите на СЗО. Според сегашниот тренд, во периодот кој претстои, односно следните месеци, се очекува и понатамошна стабилизација на ширење на вирусот. Но, треба да сме свесни дека сите меѓународни студии упатуваат на тоа дека целосно исчезнување на вирусот е тешко да се очекува. Иако верувам дека Министерството за финансии и сега има некои проекции за средствата кои се вложени во мерките за спречување на ширење на корона вирусот, сметам дека целосната и точна проценка колку државата ја чини оваа здравствена криза може да се направи тогаш кога сето ова ќе биде зад нас. Треба да се сумираат сите податоци за да имаме прецизна слика колку чини справувањето со корона вирусот- вели Филипче.

Филипче потенцира дека би било комплетно несериозно и медицински неоправдано ако не го прифатиме фактот за можниот втор бран.

-Имајќи го сегашното искуство паралелно работиме на подготовка на целиот здравствен систем за евентуален втор бран- рече Министерот за Независен.

Извор Press24