Филипче: Секое собирање е сериозен ризик, може да го рашири вирусот и да не врати назад

0
40

По масовниот собир вчера во Струга и по одлуката на ИВЗ да се отворат џамиите на 12 мај, Филипче утринава разговарал со поглаварите на ИВЗ и МПЦ и побарал да се придружуваат до мерките за заштита од коронавирусот и да не се организираат верски собири

Нема да има посебни мерки за Струга по вчерашниот масовен собир при Литија за верскиот празник „Св. Ѓорѓија“ кога илјадници граѓани излегоа на улиците, не држеа дистанца и не носеа маски. Вака одговори министерот за здравство Венко Филипче на прашањето на НОВА дали во овој град ќе има посебни мерки, особено што од тој регион имаше најмногу заболени со КОВИД-19, што преставуваше закана од пошироки размери.

„За Струга посебни мерки нема да има , дури ако трендот со нови заболени продолжи како и досега(исклучок е вчерашниот ден) ќе има олабавување на мерките и во овој регион. Но, ваков настан, ваков масовен собир кога и да се случи преставува сериозен ризик, вирусот може да се прошири и да не врати назад“, изјави министерот Филипче.

По масовниот собир вчера во Струга и по одлуката на ИВЗ да се отворат џамиите на 12 мај, Филипче утринава разговарал со поглаварите на ИВЗ и МПЦ и побарал да се придружуваат до мерките за заштита од коронавирусот и да не се организираат верски собири.

„Сите мерки досега дадоа резултат, се уште се на сила мерките за забрана на групирање на повеќе од две лица.Разговарав со двајцата поглавари, особено по масовниот собир во Струга и одлуката на ИВЗ да се отворат џамиите на 12 мај. Апелирав до верските водачи да се почитува мерката, повеќе од двајца да не влегуваат во верските објекти, апелирам и до граѓаните да ги почитуваат мерките, да држат дистанца и да носат задолжителна заштита на носот и устата“, изјави Филипче.

Министерот рече дека било каков собир надвор или внатре е потенцијална опасност, а особено внатре во затворени простории. Тој го осуди собирот во Струга во време на пандемија од коронавирусот и побара од инстутуциите да ги казнат организаторите.

„Тоа што се случи е непочитување на здравствените работници кои макотрпно работат, како и на граѓаните кои досега ги почитуваат мерките за заштита, затоа најострого го осудувам овој чин и барам од институциите да го казнат организаторот“, рече Филипче.

Останува отворено прашањето како по овој собир во Струга и особено по отворањето на џамиите на 12 мај во време на рамазанските пости и големиот празникот Бајрам, месец кој е многу важен за граѓаните од муслиманска вероисповед, ќе се задржи безбедноста на граѓаните по однос на заштитата на нивното здравје. Нејасно е и како може ИВЗ и ПМЦ, да се поставуваат над државата, која пак не може да ги фати организаторите на вакви собири и да ги казни.

Министерот Филипче, најави дека ќе се следи будно ситуацијата во Струга, но вчерашното собирање на верниците не може да влијае на плановите за олеснување на рестриктивните мерки, и како што рече, не може да се носат мерки кои ќе зависат од еден настан или случка. За овој случај Основното јавно обвинителство во Струга отвори предмет по допрен глас, по објавување на снимките и фотографиите на социјалните мрежи.

Филипче најави дека олабавувањето на мерките за територијата на целата држава ќе зависи од денешниот и утрешниот ден, кога ќе се носат одлуки, ќе се анализира бројот на нови заболени.

„Го чекаме утрешниот ден да видиме дали процентот на позитивни тестови е 5 процени како и досега и од тоа ќе зависи олабавувањето на мерките во нередната недела. Сега стратегијата ни дава можност за таргетиран пристап да се откријат асимптоматски случаи кај вработени во градинките, домовите за стари лица, медицинските лица во здравството. Така можеме да откриеме мали групи во најризичните институции и да видиме дали има заразени таму“, изјави Филипче.

На прашање на НОВА, какви ќе бидат меѓусебните контакти меѓу луѓето по олабавување на мерките, дали ќе има дружења, може ли да се посетуваат стари лица, хронично болни, министерот одговори:

“Постарите лица мора да бидат заштитени како најризична група и при тие посети треба да се почитува мерката за дистанца и задолжително носење на маска бидејќи има асимптоматски случаи“, одговори министерот Филипче.

Тој нагласи дека Велес не е ново жариште како што беа Дебар и Куманово и дека таму се таргетирани групи, се знае кластерот на заразата, а со тоа може и да се контролира. Останува на сила и понатаму забрана за хроничните болни и бремените жени да не одат на работа, која работадавците мора да ја почитуваат, а инспекциските служби да интервенираат секаде каде што не се почутуваа оваа одлука.

Извор Нова