Џамиите утре се отвораат за верниците

ИВЗ не ја менува одлуката за отворање на џамиите. Останува одлуката донесена изминатиот петок, засилена со одредени мерки кои треба да се почитуваат. Молитвите внатре во џамијата ќе се вршат на одредени места за да се држи растојание. Верниците ќе можат да се молат и во дворот на џамиите, но со почитување на препораките.

Катанците од вратите на џамиите утре ќе бидат извадени со одлука на ИВЗ, но ќе се почитуваат здравствените препораки против пандемијата Ковид 19.

Скопскиот муфтија, Ќенан Исмаили објаснува дека секој имам ќе држи растојание од метар и пол пред да почне молитвата, ќе употребува маска и дезинфекција. Упатствата ќе ги применуваат сите одбори во џамиите. Лицата со симптоми на грип нема да бидат пуштани внатре, абдес верниците ќе земаат дома, а со себе треба да носат килимче.

„Ќе се почитуваат сите мерки кои државата ги усвои за другите јавни места како банки, маркети, разни објекти кои веќе функционираат. Од друга страна, во џамија луѓето се задржуваат најмалку. Не може џамијата да биде фактор бидејќи гледаме дека луѓето се движат низ пазари и маркети.“

Според ИВЗ, петочната молитва ќе трае само 10 минути, а верско предавање нема да има. Поради полицискиот час, само две од петте задолжителни молитви ќе се вршат во џамија. Граѓаните од друга страна велат дека ќе ги почитуваат упатствата, но има граѓани кои веруваат дека Ковид 19 не е поопасен од сезонскиот грип.

Нема ништо, тоа е нивен изум. Вирус, вирус, нема вирус, ништо нема. Сè е добро, но без џамија не може, доаѓаме-одиме… Подобро е тука да ги вршиме молитвите. Кога е пишано од Господ.

Не знам што да кажам, дали е добро или лошо. Но, ќе доаѓаме секој ден во џамија. Тоа е нормално.

Лекарите препорачуваат дека опасноста за заразување е висока при секое колективно собирање и на тој начин може да дојде до нов бран на инфицирани. Микробиологот Дукаѓин Османи вели дека држењето растојание и заштитните мерки се мошне важни.

„Вирусот сè уште е присутен во Македонија. Сè уште има болни и заразени луѓе, макар и тие кои се асимптоматични, кои во секој момент можат да ја шират болеста. Затоа, социјалното растојание и носењето на маска мора да се почитуваат.“

Инаку, одлуката за отворање на џамиите беше донесена во петокот по барање на Ријасетот на ИВЗ. Досега, џамиите отворија само во одредени држави од регионот како Босна, Хрватска и Србија.