Автобусот на Дурмо Турс не бил контролиран соодветно, тврди Обвинителството

0
82

Автобусот во кој загинаа 16-мина, техничкиот преглед го минувал за четири минути. Ова го покажува снимката од камерите во станицата која денеска во судница ја презентираше Oбвинителството. Според видеото од јули 2018-та, возилото во станицата за технички преглед влегло во 14 часот и 14 минути а излегло неполни пет минути подоцна.

„При технички преглед на овој автобус може да се види дека нема ниту еден контролор во работниот канал. Се гледа и дека возилото не подлежи на системот за тресење што е методологија за останатите возила“, наведе обвинителот кој го застапува предметот.

На ваквите наводи реагираа обвинетите. Тврдат дека снимката била од вонреден технички преглед на автобусот. Контролорот кој седи на обвинителната клупа тврдеше дека го направил потребниот надзор врз возилото.

„На снимката може да се види како вршам контрола на стаклата, пневматиците и каросеријата. Влегувам и во каналот за проверка на подвозјето по што автобусот се упатува на местото за проверка на кочниците“, објасни пред судот Боваровски.

Автобуската несереќа во која животот го загубија 16 лица а 30-тина беа повредени се случи во февруари 2019-та кај селото Ласкарци. За трагичната несреќа обвинети се шестмина – возачот на автобусот, четворица вработени од станицата за технички преглед и сопственикот компаниите Дурмо Турс.