Ваучери и платежни картички ќе се делат на невработени, млади и вработени со ниски приходи

0
100

Премиерот Оливер Спасовски на денешната прес-конференција го презентираше третиот пакет мерки за економска помош изготвен од владата. Вредноста на овој пакет мерки изнесува 355 милиони евра и со него ќе бидат опфатени 730.000 корисници. Вкупната помош на економијата во сите три пакети за економска помош во екот на корона вирусот во земјава порасна на 550 милиони евра, односно 5,5 отсто од БДП.

Околу 100.000 граѓани во земјава ќе добијат платежна картичка вредна 9.000 денари за купување на македонски производи и услуги. Оваа мерка е достапна за сите невработени лица и баратели на работа, кои немаат приходи над 15.000 денари месечно, како и иматели на гарантирана минимална помош. Оваа платежна картичка ќе може да се користи во период од 30 дена. Вредноста на оваа мерка е 16 милиони евра.

Исто така, околу 100.000 македонски граѓани ќе добијат ваучери за домашен туризам во висина од 6.000 денари и домашна платежна картичка од 3.000 денари.

– Граѓаните ќе можат да се одморат и да летуваат дома, а со тоа ќе го зајакнеме и домашниот туризам – изјави премиерот Спасовски.

Со оваа мерка се опфатени сите вработени граѓани кои примаат плата помала од 15.000 денари месечно и немаат други приходи во 2018 година според годишната даночна пријава на УЈП. Овој ваучер ќе може да се искористи за хотелите и другите сместувачки капацитети во земјава, додека со платежната картичка ќе се поттикне купувањето на домашни производи и услуги.

Како поддршка за младите, Спасовски ја соопшти мерката за ваучери до 6.000 денари за покривање на партиципацијата на универзитетите или за сместување во студентски, ученички домови и сместувачки капацитети за студенти и средношколци од семејства со ниски приходи. Исто така, младите ќе можат да аплицираат за платежна картичка од 3.000 денари за домашни производи и услуги.

Премиерот ја соопшти и мерката за младите за воведување на ваучери од 30.000 денари за кофинансирање на обуки, тренинзи и курсеви за ИТ и дигитални вештини за млади. Со сите овие мерки ќе бидат опфатени 100.000 млади граѓани, а нивната вкупна вредност е 12 милиони евра.

Спасовски најави воведување на викенд без ДДВ, којшто ќе значи поевтини цени за граѓаните и поттикнување на потрошувачката во продавниците за гардероба, бела техника, мебел, санитарија и школски книги. Околу 20 милиони евра би се слеале во македонското стопанство преку оваа мерка.

Со третиот пакет на помош ќе бидат опфатени и лицата кои ја загубиле својата работа од 11 март до 30 април, преку добивање на паричен надоместок. Ќе бидат опфатени сите граѓани, без разлика дали ја изгубиле својата работа или го прекинале своето вработување преку писмена изјава, спогодбено или добиле отказ од работодавачот.