ВМРО-ДПМНЕ против брзи избори, СДСМ за избори во првиот термин

0
92

Од ВМРО-ДПМНЕ денеска обвинија дека власта лошо ја менаџира епидемијата со корона вирусот, а според партијата, министерот за здравство Венко Филипче наместо со здравјето на граѓаните се занимава со диктатите на лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Од опозициската партија посочуваат дека наместо епидемијата да спласнува, како во повеќето земји од регионот, таа во Македонија се шири и има најголема смртност на милион жители.

„Конфузијата на власта се плаќа со човечки животи. Колкава е конфузијата говори и фактот што заради лошите показатели од епидемиолошките анализи се бара продолжување на вонредната состојба, а од друга страна се инсистира на брзи избори на кои во матно би се намалил поразот по цена на здравјето. Животот на граѓаните е поважен од политичката кариера на Заев и на Филипче. Прво Македонија ќе ја победи короната, а потоа ќе ги победи на избори Заев и Филипче“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Што доколку лидерите не договорат датум за избори?

Од СДСМ соопштија дека партијата има три приоритети, заштита на здравјето на граѓаните, брза трансформација на економијата и функционални институции, како гарант за силна демократија.

„Токму затоа предвремените парламентарни избори, кои веќе се распишани и еднаш одложени, треба да се одржат во првиот можен термин, а предизборната кампања и гласањето да бидат усогласени со заштитните протоколи, бидејќи сите параметри и официјални податоци покажуваат дека епидемијата е ставена под контрола“, соопштуваат од партијата.

Од СДСМ наведуваат и дека ДИК по завршувањето на вонредната состојба, треба да ги заврши обврските и во рок од 22 дена да се одржат изборите и дека нема да дозволат лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и неговата партија, да ги попречат демократските процеси и вештачки да создадат криза.