Градоначалникот на Центар ,Саша Богдановиќ подели 200 топли оброци за Рамазан Бајрам

0
77

По повод празникот Рамазан Бајрам, градоначалникот Саша Богдановиќ, заедно со колеги од општината и волонтери од невладината „Банка за храна“ поделија 200 топли оброци за жителите кои живеат во населбите Крњево и Маџир маало.

Оваа хумана акција и донација е обезбедена од општината во соработка со економските оператори и други физички и правни лица за жителите на Центар кои живеат во социјален ризик.

Изминатиот период, беа обезбедени пакети прехранбени продукти и основни намирници за живот на децата, деинституционализирани од Специјалниот завод „Демир Капија“, кои живеат во мали групни домови на територијата на Општина Центар, но и донации за приматели на социјална помош, згрижувачки семејства, стари лица со минимални пензиски примања, Центарот за помош на лица со ментален хендикеп – Порака, како и во полициските станици Центар и Пролет.

„Навистина сум благодарен за несебичната хуманост и поддршка на сите економски оператори и поединци кои се вклучија во овие акции за денешниот голем муслимански празник Рамазан Бајрам и заедно им овозможивме на овие наши сограѓани да го прослават празникот со топол оброк, во нивните домови и со нивните семејства. За време на акцијата, секој од нас ги почитуваше препорачаните мерки на претпазливост и заштита од коронавирусот “ – изјави градоначалникот Саша Богдановиќ.

Општина Центар како локална самоуправа продолжува и во наредниот период да обезбедува донации од општествено одговорни компании и хумани поединци, за помош и поддршка на најранливите категории граѓани кои живеат на територијата на Центар.

Извор Канал5