Дескоска: Ако не се продолжи вонредната – избори на 21 јуни, друга правна можност нема

0
73

Непосредно пред одлуката дали ќе се продолжи или не вонредната состојба во земјава, во услови кога не очекуваат избори, министерката за правда, Рената Дескоска е децидна дека ако не се продолжи вонредната состојба изборите треба да се одржат на 21 јуни, односно 22 дена по истекот на вонредната состојба.

-Ако не се продолжи вонредната состојба, изборите се на 21 јуни. Тоа го предвидува и Уставот и уредбата. Нема друга правна можност, вели Дескоска во изјава за „Фокус“.

Техничкиот премиер, Оливер Спасовски денеска изјави дека сѐ уште се прават анализи дали да се побара продолжување на вонредната состојба, но и тој вели дека изборите ќе се одржат 22 дена по завршувањето на вонредната состојба. Владата до крајот на неделава ќе одлучи дали ќе побара од претседателот повторно да прогласи вонредна состојба.

-Датумот на изборите е детерминиран со Уредбата со законска сила, која има важење до завршувањето на вонредната состојба. Со Уредбата со законска сила, изборните активности кои се одвиваа за закажаните избори на 12 април 2020, се ставија во мирување заради прогласената вонредна состојба и справување со пандемијата, но таа утврдува дека во оној момент кога ќе престане вонредната состојба од тој момент продолжуваат да течат изборните рокови и на тој начин се одредува датумот кога треба да се одржат изборите, а валидноста на оваа Уредба со законска сила ја потврди Уставниот Суд. Тоа значи дека течат 22 дена по престанувањето на вонредната состојба, велат од Владата.

Парламентарните избори треба да се реализираат во првиот можен рок, во оној момент кога ќе има најмногу створени услови.

В сабота истекува последниот ден од вонредната состојба и дотогаш Пендаровски ќе одлучи дали ќе ја продолжи или не вонредната состојба.

Изјавата на Дескоска е на иста линија со професорот по Уставно правно, Светомир Шкариќ кој вели дека ако нема договор изборите да се оддржат на 21 јуни, односно 22 дена по завршување на вонредната состојба, претседателот Стево Пендаровски ќе мора да прогласи нова вонредна состојба, бидејќи нема опција за носење на нова уредба.

Извор Фокус