ЕК им предложи на земјите членки границите да останат затворени до 15 јуни

0
76

Додека бројот на заболени во светски рамки се приближува до 4 милиони економските последици од пандемијата стануваат се поочигледни. Рестриктивните мерки за спречување на ширењето на коронавирусот нанесоа значителна штета на глобалната економија. На европскиот континент кој до пред еден месец беше жариште на вирусот со 149.000 смртни случаи, веќе со недели во функција се порелаксирани мерки и економските активности постепено се враќаат во нормала. Дел од европските земји веќе објавија и планови за отварање на границите и рестартирање на туризмот, но Европската комисија денеска им предложи на 27-те земји членки рестрикциите за непотребните патувања да останат во сила уште 30 денови, до 15 јуни.

ЕК го поздрави напредокот на земјите членки во борбата против коронавирусот, но предупреди дека отварањето на интерните граници треба да биде направено етапно и во координација меѓу членките.

Ограничувањата за патување како и препораката за нивно продолжување се однесуваат на сите членки на Шенген зоната, плус Бугарија, Хрватска, Кипар и Романија како и четирите поврзани земји со зоната Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија.

Ова е второ продолжување на мерките откако тие првично беа воведени на 16 март во период на траење од 30 денови, но беа продолжени за нови 30 денови до 15 мај. Одлуката на ЕК е во спротивност со некои од членките на унијата како Балтичките земји кои пред неколку денови најавија отварање на меѓусебните граници за сопствените граѓани и Грција која планира отварање на хотелите за странски туристи од 1  јуни.