Засега Обвинителството нема да ги истражува најновите аудио бомби

0
94

Обвинителството за организиран криминал нема да го истражува последниот сет на аудио снимки, кои беа објавени на „Јутјуб“, а се однесуваа на лидерите на најголемите партии – Зоран Заев и Христијан Мицкоски. И во двата случаи директно или индиректно се инволвирани лица поврзани со случајот „Рекет“. Во аудио материјалите, Зоран Заев го спомнува бизнисменот Орце Камчев кој пријави рекет од Боки 13.

Во материјалите за Мицкоски, пак, се слуша претседателот на ВМРО – ДПМНЕ како на директна средба разговара со Зоран Милевски – Кичеец лани на 14 – ти април, или два месеца пред Вилма Русковска да го отвори случајот „Рекет“. Шефицата не знае дали Кичеец предал одредени документи во ВМРО – ДПМНЕ за „Рекет“, оти лани во август Христијан Мицкоски тврдеше дека свиркач до нив доставил докази дека во „Рекет“ е инволвирана власта.

„Јас во повеќе наврати имам кажано дека должност на секој, повторувам законска должност е на секој што има сознанија, а особено документи за сторено кривично дело од страна на било кого, мора да го пријави или во полиција или во обвинителство. Во спротивно самиот прави кривично дело“, рече обвинителката Вилма Русковска.

Од основното обвинителство велат дека за сега не се истражува содржината на објавените аудио материјали ниту за Зоран Заев ниту за Христијан Мицкоски. Според првичните анализи нема основи да се испитува евентуално кривично дело. Дополнително обвинителството може да истражува кој и како ги објавил разговорите на „Јутјуб“ каналот.

Извор АлсатМ