И градинките се подготвуваат! – Некои ги дезинфицираат душеците, некои со затворени врати

0
84

Градинките почнаа со подготовките за чистење на просториите, откако 3 месеци беа затворени поради пандемијата. Ја чистат прашината од душеците…

Потоа ги дезинфицираат со апарат за зрачење (UV апарат) Потоа ги враќаат на креветите…

Сите што ќе влезат од надвор, навлекуваат заштитни навлаки на нозете…

Целиот персонал носи маски. Ова се дел од мерките што се преземаат во градинката „11 Ноември“ во општина Центар.

Дезинфекцијата ја врши приватната компанија и тоа бесплатно. Како што велат, ова го прават само за да помогнат.

Подготовките во оваа градинка се при крај, но не се знае кога ќе се вратат децата, бидејќи целиот персонал сѐ уште не поминал низ скрининг тестирањето, а најава за вакво нешто нема ниту од Комисијата за заразни болести, вели градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ.

Но, не се подготвуваат сите градинки. На некои што ги сними ТВ21 вратите сѐ уште беа затворени, а дворовите неисчистени. Досега се тестирани 908 вработени во градинки во Битола, Скопје и Велес, а потврден е само еден позитивен случај со Ковид-19 во Битола. Откако ќе заврши скринингот, ќе се знае кога точно ќе се отворат градинките, иако неофицијално кружи вест дека е можно тоа да се случи кон средината на јуни.

Извор 21Тв