Кина испраќа тим за истражување на ненадејната смрт на својот амбасадор во Израел

0
111

Кина во понеделникот ќе испрати специјален тим во Израел кој ќе спроведе внатрешна истрага за ненадејната смрт на кинескиот амбасадор Ду Веи, кој беше најден мртов во неговата резиденција во близина на Тел Авив во неделата утрото, објави изралескиот дневен весник Haaretz.

Според весникот кој се повикува на свои дипломатски извори, „специјалниот тим“ ќе спроведе „внатрешна истрага“ за околностите на смртта на амбасадорот и ќе ги „координира“ активностите на кинеската дипломатска мисија во Израел. Покрај тоа, една од нејзините задачи ќе биде и организација на транспортот на посмртните останки на амбасадорот Ду во татковината, а со специјалниот тим во Израел ќе допатува и претставник на семејството на дипломатот.

Во веста на Haaretz се истакнува дека 58-годишниот Ду Веи ја извршувал должноста кинески амбасадор во Израел само неколку месеци, односно од февруари годинава, среде пандемијата од коронавирусот. Претходно тој бил кинески амбасадор во Украина.

Кинеската државна телевизија во неделата објави дека амбасадорот во Израел починал од причини поврзани со неговата здравствена состојба, истакнувајќи во прилогот дека за смртта на амбасадорот „потребни се дополнителни проверки и потврди“. Кинеското министерство за надворешни работи во посебно соопштение изрази „искрено сочувство“ до членовите на семејството на починатиот дипломат.

Претходно во неделата сочувство за смртта на кинескиот амбасадор изрази и израелскиот министер за надворешни работи, Израел Кац.

„Бев запрепастен од трагичната вест за ненадејната смрт на Ду Веи, амбасадорот на Народна Република Кина во Државата Израел. Амбасадорот Ду Веи беше извонреден дипломат. Во текот на кусото престојување во Израел успеа да придонесе за развој на односите меѓу двете наши држави“, беше истакнато во писмената изјава на Кац.

Кац неколку часа подоцна ја презеде должноста министер за финанси во 35-та влада на Израел, која беше потврдена од Кнесетот во неделата. Ресорот за надворешни работи тој му го предаде на поранешниот началник на Генералштабот на израелската армија, Габи Ашкенази.

Извор Нетпрес