Кинескиот шеф на дипломатијата : Пекинг и Вашингтон се на чекор до нова студена војна

0
76

Кина и САД се на „чекор до нова студена војна“, предупреди денеска кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји, изразувајќи жалење за новите тензии со Вашингтон поради епидемијата на „ковид-19“.

Првите случаи на новиот коронавирус се забележани кон крајот на минатата година во кинескиот град Вухан, а од тогаш, над 340.000 луѓе починале од ковид-19 низ целиот свет.

Во последните неколку недели американскиот претседател Доналд Трамп во неколку наврати ги обвини кинеските власти дека предоцна ги објавувале клучните информации за сериозноста на ситуацијата со новиот коронавирус, чие ширење можело да се намали.

„Освен чумата што се шири заради вирусот, политичкиот вирус се шири и во Соединетите држави“, рече шефот на кинеската дипломатија, без да го именува дирекно американскиот претседател.

„Овој политички вирус ја користи секоја можност да ја нападне и да ја навреди Кина“, истакна Ванг.

Трамп исто така ја објави можноста да побара компензација од Пекинг во износ од неколку милијарди долари поради уништената економија предизвикана од пандемијата, и повика на меѓународна истрага за потеклото на вирусот.

Според Ванг, Кина е подготвена за меѓународна соработка за да се испита од каде потекнува коронавирусот, но земјите да се воздржат од „политички ингеренции“.

Кинескиот претседател Си Џинпинг нема ништо против „целосна анализа“ на реакцијата на светот на новиот коронавирус, откако пандемијата потполно ќе се смири.

Директорот на Институтот за вирологија во Вухан, на кој Соединетите Држави редовно го покажуваат прстот кога станува збор за изворот на коронавирусот, рече дека лабораторијата има три живи видови на коронавирус од лилјаци, но ниту еден не одговара на вирусот Сарс-КоВ-2.

Според неколку научници, новиот коронавирус веројатно бил пренесен на луѓето од некои животни. Пазарот во Вухан е посочен како извор поради продажба на диви животни таму. Но, фактот дека Институтот за вирологија е оддалечен неколку километри, со месеци ги храни хипотезите за бегство на вирусот од таа институција.

САД и Кина водат трговска војна веќе две години, но пандемијата на вируси САРС-КоВ-2 ги вжешти тензиите.

„Одредени политички сили презедоа заложнички односи меѓу Кина и Соединетите држави и со кризата околу новиот коронавирус ги туркаат двете држави на работ на нова Студена војна“, рече Ванг Ји.

Во видео порака за време на собранието на СЗО, претседателот Си ги отфрли обвинувањата дека Кина е нетранспарентна и неодговорна во управувањето со кризата со корона.

Извор Канал5