Македонија влегува во 42 часовен карантин за продолжен празничен викенд

0
87

Македонија во 11 часот ќе влезе во карантин што ќе трае до вторник во 5 часот наутро. Мерката беше донесена на седница на Владата во петокот попладне и се разликува од предлогот на Комисијата за заразни болести чии членови препорачаа т.н. „полициски час“ да започне во сабота во 19 часот и да заврши во вторник во 5 часот.

Шест часа добија граѓаните за извршување на секојдневните обврски надвор од домовите, но и за набавка на потребните намирници за продолжениот празничен викенд во кој оваа година се обединети два празника – Денот на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј и Рамазан Бајрам.

Поклонението на гробот на Свети Кирил во базиликата Свети Климент во Рим од македонска државно-црковна делегација како централната манифестација за одбележување на 24 мај – денот на сесловенските просветители е одложено за втората половина од годината штом го дозволат тоа здравствените услови по пандемијата на ковид-19.

Претпладнево, пак, муслиманските верници го користеа периодот за слободно движење за молитва по повод големиот празник Рамазан Бајрам. Препораките на Владата и на здравствените власти беа да се користат заштитни маски и да се одржува физичка дистанца од еден и пол до два метра, а Риасетот на Исмалската верска заедница апелира до џамиите молитвата да не трае подолго од 15 минути.

Извор Нова