Масовни протести во повеќе американски градови и покрај прогласениот полициски час

0
138

Бесот на американските граѓани заради суровото убиство на 46 годишниот црнец, Џорџ Флојд, од страна на полицијата не стивнува и уличните протести во сите поголеми урбани центри во САД стануваат се пожестоки.

Во обид да се спречат протестите на големите групи, пред се млади луѓе,беше прогласен и полициски час во повеќе градови во Соединетите американски држави.

Сепак, оваа одлука имаше мал ефект и не ги спречи демонстрантите. Тие повторно излегоа на улиците и големи протести имаше во над 30 градови во САД. Во поголем дел од денот, овие протести беа мирни и без инциденти, но не завршија така.

Во повеќе градови демонстрантите се судрија со полицијата а повторно беа ограбени и уништени голем број продавници, запалени автомобили, меѓу нив и полициски возила.

Еден од градовите најтешко погодени од безредијата е Лос Анџелес.

Гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, прогласи вонредна состојба во градот и ја активираше националната гарда, резервните воени сили кои може да бидат повикани да интервенираат во услови на домашни безредија.

Полицајците со гумени куршуми, солзавец и палки ги нападнаа демонстрантите кои одбиваат да се разотидат и скандираа “Без правда – нема мир” и познатиот слоган “Животите на црните луѓе исто така се вредни”.

Најголем дел од демонстрантите многу добро знаат зошто се на улиците и зошто повеќе не можат без реакција да ја прифатат реалноста во која како последица на тартегираната полициска бруталност и расизам, животите ги губат голем број црни луѓе.

Сакам да направам промена. Сакам да направам промена за моите луѓе, бидејќи ова се случува премногу долго и работите треба да се менуваат насекаде, затоа што ништо нема да се промени ако само зборуваме или ако само објавуваме нешто на социјалните медиуми. Затоа сум тука.

Не, не се плашам. Би морала да живеам во страв секој ден, доколку тоа го правам. Не, не, не може да одиме во страв, затоа што ако живеете во страв, нема ни да живеете тука.

За Џорџ Флојд…за мојата заедница. За моите луѓе. Се обидувам, јас ја сакам мојата заедница. И на овие луѓе, некој треба да им даде поддршка. Сите ние мора да стоиме заедно.

44 годишниот полицаец белец Дерек Шован, во текот на утрешниот ден  прв пат ќе биде изведен пред судот. Тој првично само доби отказ од полицијата во Минеаполис, но дури откако беше објавено шокантното видео од убиството на Флојд, каде цели 9 минути го притиска на вратот , додека тој лежи на асфалтот со лисици на рацете. Полицаецот целосно ги игнорира и молбите на Флојд, кој се жали дека не може да дише. Потоа сепак беше уапсен и обвинет за убиство од трет степен. Уште тројца други полицајци кои немо го следеле настанот добија отказ, но ниту еден од нив не беше досега обвинет.

Бесот на демонстрантите особено го засили и објавениот резултат од обдукцијата, според кој не може да се потврди дека Флојд бил задушен до смрт, тука причина најверојатно биле неговите здравствени проблеми.

Случајот на Флојд само го разгоре и бесот и лутината во америка, особено кај црните луѓе, од големиот број убиства на припадниците на црната раса од страна на полицајци. Вакви случаи беа убиствата на Мајкл Браун во Фергусон, Ерик Гарнер во Њу Јорк и голем број други кои доведоа до формирањето на движењето “Животите на црните луѓе исто така се вредни”.

Сепак за многумина од учесниците на протестите, нивниот бес е резултат на повеќе децениската фрустрација заради социоекономската нееднаквост и сегрегацијата.

Извор Телма