Министерката за финансии продолжува да молчи за задолжувањето

0
137

Министерката за финансии Нина Ангеловска трет ден молчи за историски најголемата издадена еврообврзница тешка 700 милиони евра. Рокот на отплата е во наредните 6 години за која ќе треба да се плати над 150 милиони евра камата.

Од министерството само преку соопштение објаснија колку години ќе треба да ја враќаме и по која каматна стапка. Министерката за финансии Нина Ангеловска нема одговорено на низата прашања поставени од економските аналитичари како ќе ги враќаме? Дали преку воведување на нови даноци или преку поголемо кратење на расходната страна?

Досега земјава има издадено вкупно седум еврообврзници. Првата во 2005 година била најниска, 150 милиони евра. Потоа во следните години само растеа сумите кои се позајмуваат. Сè до задолжувањето во средата, највисоки суми биле позајмени во 2014-ттата и 2018 година – по половина милијарда евра. Од сите овие заеми, Македонија досега ги вратила само првите две. Останатите сè уште се исплаќаат.

Покрај еврообврзниците, земјава само годинава има земено заеми и од меѓународни финансиски организации како ММФ, Светската банка, но и од Европската унија во вкупна вредност од 476 милиони евра. Освен тоа, Владата се задолжи за дополнителни 487 милиони евра кај домашни банки и од државни хартии од вредност.

Тоа значи дека само годинава и тоа само до овој месец, државата се задолжи со над една милијарда и 700 милиони евра! Јавниот долг во моментов изнесува 5,5 милијарди евра или 50,7 проценти од БДП, а до крајот на годинава тој се очекува да се зголеми дури до 57 проценти.

Извор АлсатМ