МОЖЕН КАРАНТИН ВО ЧАИР, ГАЗИ БАБА, АЕРОДРОМ И САРАЈ

0
124

Ако продолжи да расте бројот на заболени од коронавирусот дел од општините може повторно да бидат ставени во карантин. Министерот за здравство не ја исклучува можноста повторно да се воведат рестриктивни мерки во Тетово, Штип, како и во скопските општини Сарај, Чаир, Гази Баба и Аеродром, каде што има потенцијални жаришта. Во изминатово деноноќие од вкупно 661 тестирање, биле откриени 52 нови случаи на заразени со ковид 19, а четворица починале. Според епидемиолошката анкета се заразиле поради тоа што се собирале во групи и не носеле маски.

„Сакам јасно да порачам дека повторно ќе воведеме рестрикции, таргетирани и локализирани на некои места, согласно бројот на новодијагностицирани, ако епидемиолошката состојба тоа го наложи. Утрово на состанокот на Комсијата токму тоа го дискутиравме и ќе ги анализираме податоците и во следните денови и врз основа на тоа ќе ги донесеме одлуките. Доколку треба ќе воведеме повторно такви мерки“. – Венко Филипче – Министер за здравство.

Дел од пациентите одбивале да соработуваат со епидемиоплозите. Одбивале да кажат со кого контактирале. Тие што требало да бидат во самоизолација пак излегувале и се шетале, а некои пак давале лажни адреси на епидемиолозите. Министерот за здравство побара и од МВР поинтензивно да контролира и да казнува таму каде што се прекршуваат мерките.

– „Сите институции кои што имаат ингеренции да контролираат, да направат увид во тоа каде се прекршени мерките и тоа да го санкционираат треба тоа да го прават поинтензивно ние од наша страна ДЗСИ интервенираше таму каде што имаше ингеренции и за се тоа ги извести и другите институции – и МВР и инспекторатите“. – Венко Филипче – Министер за здравство.

Четириесет и три пациенти се лекуваат на клиниката за инфективни болести во Скопје. Седумнаесет се на кислородна поддршка, а еден е на механичка вентилација.

Во ГОБ „8 септември“ вкупно хоспитализирани се 28 пациенти. На респиратор се 6, a со потешка клиничка слика се уште 7 пациенти.

Од почетокот на епидемијата до сега во Македонија до сега вкупно 2 129 лица се заразија со вирусот, а 126 починаа.

Извор Тв24