„Непослушни“ колку и заразени со коронавирус

0
91

Најмалку два милиони евра ќе се слеат во државниот буџет од прекршителите на владините мерки за борба против коронавирусот. Заклучно со 29 април, бројот на прекршителите на корона-мерките, според податоците на Јавното обвинителство, е речиси ист како и на оние кои се дијагностицирани со КОВИД-19.

Од 17 март заклучно со 29 април, 1468 луѓе по разни основи ги прекршиле антикорона мерките, а до тој датум во земјава се регистрирани 1442 дијагностицирани со КОВИД-19.

Според податоците на Јавното обвинителство, најчесто за прекршителите обвинителствата побарале да бидат казнете со по 2000 евра. Има случаи кои се бараат и повисоки казни, како за лекарката од Кавадарци која не седела во изолација, иако имала член од семејството кој се вратил од странство. Лекарката не го почитувала тоа и одела на работа. За неа кавадаречкото обвинителство побара казна од 4500 евра.

За прекршителите на полицискиот час во Синѓелиќ, кои излегоа на протест по приведувањето на нивни соседи кои не почитувале полициски час, скопското обвинителство побара парична казна за 23 луѓе од по 3500 евра. За тројцата прекршители, поради кои настанал протестот, пак, се бара казна од по 5000 евра. Камионџија од Струга не почитувал мерка за самоизолација и се обидел да излезе од земјата за што се бара казна од 4000 евра. Дел од прекршителите се малолетни лица. Има и такви кои по неколкупати не почитувале самоизолација, а и такви кои, иако биле во државен карантин, се групирале по соби, па за „гостите“ се бараат казни по 2000 евра, а за домаќинот, односно оној во чија соба биле, казна од 3000 евра. За некои се бара и условна казна затвор. Има и такви случаи кога целото семејство се огрешило, па семејниот буџет го оштетиле за 10 илјади евра.

„Одмерување на казната е во надлежност на Судот и притоа се имплементираат одредбите од Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната, со тоа што при изрекување парична казна предвид се земаат имотната состојба на сторителот, неговите приходи, имот и неговите семејни обврски. При тоа, согласно член 205 од КЗ, на физичко лице за пренесување на заразна болест може да му биде изречена парична казна или затвор до три години. Доколку делото е сторено од небрежност, според став 6 од истиот член, пропишана е парична казна или затвор до шест месеци. Согласно член 206 од КЗ, за кој досега се обвинети сите лица по кои постапуваа обвинителствата и се однесува на непостапување според здравствени прописи за време на епидемија, сторителот може да биде казнет со парична казна или со затвор до една година“, ни одговорија од Основното јавно обвинителство.

Извор РСЕ