Одлука за избори по препораките на стручната комисија, можни решенија ќе се бараат на лидерската средба

0
74

Комисијата за заразни болести ќе донесе своја препорака базирана на стручен пристап за тоа кога ќе се одржат парламентарните избори. Лидерите на политичките партии излегоа со свој став за изборите, а најдобро можно решение за иднината на земјата ќе се обидат да го донесат на лидерската средба закажана на 12 мај. Министерот за здравство, Венко Филипче истакна дека во однос на изборите ќе останат внимателни за тоа што ќе препорачат следната недела. Препораката ќе се темели врз основа на бројките на пациентите и анализа на случаите. -Во однос на изборите и во овој момент сме внимателни во однос на тоа што ќе препорачаме следната недела. Ги следиме бројките и движењето и на национално ниво и во одредени градови и региони и само така ќе ги носиме мерките. Секогаш се издржани врз основа на стручно мислење. Така одлуките ќе ги носиме и понатаму, рече Филипче. Изборите ќе се тема на разговар и на лидерската средба закажана на 12 мај кај претседателот Стево Пендаровски. Целта на средбата е да се донесе најдобро можно решение за иднината на земјата. Премиерот Оливер Спасовски очекува на средбата да се разговара за мерките и одлуките што се преземени за да се спречи здравствената и економската криза во земјава, но и да се надминат личните и партиски интереси. -Сметам дека ќе има доволно одговорност меѓу лидерите на политичките партии кои ќе учествуваат на таа средба. Ќе разговараме и јас посакувам да донесеме најдобро можно решение за иднината на оваа држава и за иднината на граѓаните. Сметам дека таква одлука треба да се донесе заради тоа што пред се потребни се функционални институции кои ќе можат да се справат со секаков вид на идни предизвици што стојат пред нас и тоа треба да биде водилка за сите нас, изјави Спасовски во текот на вчерашниот ден. Лидерите на најголемите политички партии претходно излегоа со свој став во однос на тоа кога би требало да се одржат изборите. Претседателот на СДСМ, Зоран Заев смета дека нема да има поприкладен период за избори како во јуни годинава. Сепак, услов е кризата со коронавирусот да биде целосно одмината. Изборите треба да се одржат поскоро и поради фактот што немаме Парламент, и имаме техничка а не политичка влада, смета Заев. Тој посочи оти се потребни соодветни рокови за подготовка на избори, и дека во уредбата е наведен 21 ден од завршување на вонредна состојба, но потенцира, токму затоа се прави лидерска средба. Не помалку важна е и економијата, која според Заев и онака е во криза, а во време на избори, се наоѓа во еден вид рестрикција. ВМРО-ДПМНЕ пак, останува на ставот дека во моментот изборите не се во првите три приоритети на партијата. Најважно е здравјето на граѓаните. Сепак, лидерот на партијата, Христијан Мицкоски истакна дека ќе ги почекаат ставовите од лидерската средба во вторник кај претседателот Стево Пендаровски, и ќе излезат со свој коментар. -Да видиме какви ќе бидат проценките на Советот за безбедност, каков ќе биде ставот на претседателот Пендаровски па потоа може да излеземе со коментар на самата лидерска средба која ќе се случи веќе во вторник, рече Мицкоски. Покана за учество на лидерската средба на 12 мај добил и претседателот на Собранието, Талат Џафери, кој смета дека по завршувањето на вонредната состојба, ДИК веднаш треба да почне со подготовка на изборите.

Извор opsever