Потврден говедски коронавирус во Македонија, човек може да го зарази својот миленик, но не и обратно

0
72

По појавата на коронавирусот, на Факултетот за ветеринарна медицина започнаа и со тестирање на вирус кај животните, потврдени се неколку случаи на говедски коронавирус.

„Направивме и неколку прелиминарни испитувања на материјали кои што ги имаме од животни кои што имале репираторни заболувања и кај добар дел од нив, можам да кажам и очекувано потврдивме присуство, меѓутоа на говедски коронавирус. Тоа е вирус кој што е аналоген на вирусот кај луѓе кој што предизвикува обична настинка.“, вели проф. д-р Кирил Крстевски.

Професорите велат дека пристапот е ист како и кај луѓето, започнале со истражување откако во светот се појавиле случаи на заразени домашни миленици со коронавирус.

„Пристапот дијагностички е идентичен и кај животните како и кај луѓето. Во соработка со нашата универзитетска клиника, случаите на домашни миленици каде што постои индиции на респираторни заболувања ги тестираме на присуство на овој вирус.“, вели Крстевски.

Коронавирусот за нив не е непознат, бидејќи се појавувал сезонски кај одредени животни, предизвикувајќи респираторни и дигестивни проблеми кај говедата.

Мачките се едни од животните кои имаат најголеми сличности во рецепторите кои што се одговорни за навлегување и инфекција на вируси. Но не изостануваат ниту говедата и овците.

Засега случај на коронавирус од човек на мачка има регистрирано само во Франција. Експертите апелираат да се држи физичка дистанца од своите миленици.

„Луѓето кои што се заболени и имаат миленичиња, да ги лимитираат своите контакти со домашните животни и да ги третираат како било кој друг член од своето семејство. Не заради друго, туку затоа што тие се примчиви и може да бидат инфицирани од вирусот.“, рече Крстевски.

Здрави не инфицирани мачки, до одреден степен може да го шират вирусот кај други, но не и кај луѓето. Според научните сознанија, домашните миленици не можат лесно да се заразат со коронавирус дури и кога нивните сопственици се заразени.

Во светот досега четири мачки се заразени со коронавирус, а на сопствениците им беше препорачано да не ги пуштаат надвор и да одржуваат физичка дистанца.

Извор 21Тв