По трет пат опожарено возило на еден ист сопственик во Штип

0
81

Рано изутрината на улицата „Сутјеска“ во Штип опожарено е возило „БМВ“. Од огнот е зафатено друго возило „шкода фабија“, паркирано до „БМВ“-то. Пожарот во СВР Штип е пријавен во 5.30 минути.

„Опожареното возило е сопственoст на З.Ч. (34). Увид на местото извршила увидна екипа на СВР Штип. Се работи на расчистување на случајот,“ соопштија од СВР Штип.

Од полицијата не соопштија други детали, како што рекоа, во интерес на истрагата.

Од она што го дознаваме, ова е трето запалено возило кое е во сопственост на З.Ч. Првото возило е запалено лани во октомври, додека второто во март годинава. Првите две беа опожарени на ист начин, со поставување на молотов коктел во задниот дел, до местото за полнење на гориво. Неофицијално, и овој пат се работи за пресметка на криминални групи, кои се занимаваат со продажба на дрога. Во меѓусебното „војување“ до сега се опожарени повеќе од 10 возила. Полицијата до сега расветли само еден случај, што е процесуиран до Основно јавно обвинителство.

Од Основно јавно обвинителство ни беше кажано дека е даден налог за истрага за опожареното „БМВ“, по што очекуваат првичен извештај од полицијата.

Во период од една година во Штип гореа над 25 возила. Еден дел се самозапалени, додека за десетина е утврдено дека намерно се запалени, односно се работи за кривично-правен настан.