Расте бројот на заразени во Русија , сепак Путин го укинува карантинот

0
72

Рускиот претседател Владимир Путин објави дека карантинот прогласен за целата земја поради пандемијата на коронавирус ќе биде укинат од утре и покрај тоа што расте бројот на заразени.

„Почнувајќи од утре, 12 мај, периодот на неработни денови заврши. Но, битката против оваа епидемија сè уште не е завршена“, рече Путин во јавното обраќање што се емитувало на државната телевизија.

Регионалните власти сами ќе решат дали да ги продолжат мерките за карантин на локално ниво.

Главниот град Москва и околниот регион, каде се регистрирани повеќето од заразените, остануваат во карантин до крајот на овој месец.

Путин истакна дека брзиот раст на бројот на заразени е главно резултат на повисоката стапка на тестирање. На почетокот на епидемијата, Русија, според него, спроведувала 2.500 тестови на ден, а сега спроведува 170.000. Планирано е двојно да се зголеми тој број до следниот месец.

Во Русија, според официјалните податоци објавени денеска, заразени се нешто повеќе од 221.000 луѓе, што ја става на четвртото место во светот, веднаш по Велика Британија. Повеќе заразени има во САД и Шпанија.

Бројот на заразени во Русија нагло се зголеми во последните месец и половина. Минатата недела, секој ден се регистрираат над 10,000 новозаразени. Досега починаа нешто повеќе од 2.000 луѓе.

Речиси половина од заразените се во Москва. До денес, имало вкупно околу 115.000 заразени во главниот град и околината.

Градоначалникот Сергеј Собјанин минатата недела изјави дека вистинскиот број на заразени во градот е веројатно три пати поголем. Сепак, тој дозволи некои индустрии и градежниот сектор да започнат со работа од утре, со задолжително носење маски и нараквици. Премиерот на Русија ги критикуваше работодавците за удвојување на стапката на невработеност уште од почетокот на епидемијата, додавајќи дека требало да ги чуваат работниците.

Русија има население од околу 145 милиони и досега спроведе повеќе од 5,6 милиони тестови за коронавирус. Шпанија, од друга страна, спроведе скоро 2,5 милиони тестови за коронавирус и серолошки тестови за антитела.

Економската активност во Русија опадна за повеќе од една третина од воведувањето на мерките за изолација, според владината статистика објавена минатата недела.

Падот на цената на нафтата како резултат на забавувањето на глобалната трговија, исто така, има негативно влијание врз руската економија. Руската рубља е за 10 проценти послаба во однос на американскиот долар отколку пред почетокот на кризата на почетокот на март, иако малку закрепна во последните неколку недели. Девизниот курс денес е околу 73 рубли за долар.

Соседите на Русија, Украина и Грузија започнаа со олеснување на ограничувањата, а Казахстан ја укина вонредната состојба.

Извор Канал5