„Рекет“: По Боки, денеска ќе сведочи Катица Јанева

0
73

Поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева денеска преку свое сведочење треба да даде одбрана во случајот „Рекет“ каде е обвинета за злоупотреба на службената положба и овластувања.

На вчерашното рочиште во Основниот кривичен суд Скопје, пак, сведочеше првообвинетиот Бојан Јовановски – Боки 13 кој се гони за примање награда за противзаконско влијание и за перење пари.

Боки во неговиот исказ зборуваше за Јанева и рече дека била исклучителна и народна жена со која развиле пријателски односи и зборувале за теми за приватниот живот, љубовта итн, но дека ниту можел ниту на некаков начин влијаел врз неа за да изврши нешто противзаконско или да не преземе нешто што треба да преземе како обвинител.

Тој зборуваше и за фотографијата која тој ја направил во домот на Јанева каде таа седи во дневната соба, а на масичката пред неа има пари, за кои обвинителството процени дека се 50 000 евра. Боки рече дека не станувало збор за пари од рекет, туку за пари за мебел.

По сведочењето на Јанева, до изрекување пресуда во „Рекет“ ќе остане да се дадат само завршните зборови од страна на обвинителката Вилма Русковска и од страна на двајцата обвинети и нивните адвокати.

Судскиот процес за овој предмет започна на 3 декември 2019, а уште на првото рочиште Зоран Милески – Кичеец, призна вина и доби тригодишна затворска казна.