СДСМ бара оставка од Наќе Чулев поради литијата во Струга и чадната бомба во Скопје

0
100

Владејачката партија вечерва побара оставка од техничкиот министер за вантрешни работи, Наќе Чулев, поради масовниот црковен собир во Струга во време на вонредна состојба, но и за инцидентот на прославата на Денот на полицијата, кога чадна бомба за време на вежбата падна на местото каде што беа претставниците на дипломатскиот кор во земјава.

„СДСМ бара од неспособниот и неодговорен технички министер за внатрешни работи Наќе Чулев, да си поднесе оставка затоа што го загрозува здравјето и безбедноста на граѓаните. Денеска, јавноста беше сведок на масовно прекршување на забраната за групни собири во Струга. Стотици граѓани без заштитна опрема, без соодветна дистанца масовно се движеа низ Струга, а полицијата беше прустуна на настанот и воопшто не реагираше“.

СДСМ тврди дека ниту имало предупредувања од полицијата, ниту укажување и спречување на масовен собир во услови на опасна здравствена пандемија, туку дека полицијата, иако била присутна на настанот, немо го следела прекршувањето на забраната.

„Со оваа неодговорност Чулев стана соучесник во загорзувањето на здравјето на граѓаните“, велат од СДСМ.

Потоа, СДСМ наведува дека Наќе Чулев несовесно се однесувал и во Скопје, на Денот на македонската полиција.

„Спротивно на препораките, злоупотребувајќи го Денот на полицијата, техничкиот министер Наќе Чулев организираше јавен собир, без запазување на мерките за заштита и го загрози здравјето и на присутните и на полицајците. Дополнително, на јавно објавени видеа јасно се гледаат соработници на Наќе Чулев кои се обидуваат да попречуваат новинари во вршење на својата работа и при тоа им се закануваат со физичка сила.

На крајот, освен закани, новинарите и медиумските работници, заедно со претставниици на дипломатскиот кор добија и чадна бомба во непосредна близина, со што беше загрозена и нивната безбедност и нивното здравје.

На овие скандалозни настани треба да се додадат и бројните случаи со злоупотребата на полицијата за партиски цели на Мицкоски и непреземањето ништо за кршење на мерките и препораките од страна на навивачи блиски до ВМРО-ДПМНЕ.

Наќе Чулев освен да го брани Христијан Мицкоски за ништо друго не е способен, затоа мора да си поднесе оставка и да преземе одговорност“, соопштува СДСМ.