Се уште не се знае кога ќе се отворат рестораните и кафулињата

0
83

Земјите од регионот веќе одлучија кога ќе ги отворат угостителските објекти, а во Македонија се уште не се знае кога кафулињата, рестораните и хотелите ќе можат да примаат луѓе. Групацијата за угостителство денеска одржа координативен состанок со член на Комисијата за заразни болести, која треба да го формулира крајниот предлог, но засега епилог нема. Барањата на угостителите се бројни, но ниту тие меѓусебе не можат докрај да се согласат околу растојанието кое треба да се одржува меѓу масите, дали ќе работат само отворените тераси или цели објекти, а многумина немаат ниту доволно простор за да можат да ги опслужат гостите, а од друга страна да немаат загуби. Принудени ќе бидат да побараат субвенции од државата. На голем дел од нив воопшто не им се исплати да продолжат со работа со премногу намален капацитет за гости.

Аплицирањето за владина поддршка за исплата на плати почна вчера. За еден ден биле доставени 356 барања – информираат од УЈП. Инаку, во понеделник во Србија повторно се отвораат кафулињата и рестораните. На гостите ќе им се мери температура, локалите ќе треба да имаат заштитни маски, ракавици, средства за дезинфекција и паравани за маси. Лименките и шишињата ќе мора да се дезинфицираат, а столовите да бидат на растојание од 1 и пол метар. Мерките вклучувaaт и забрана за мобилни телефони и пауза за пушење цигари. Во Словенија, угостителите од понеделник ги отвораат само летните тераси, а на една маса ќе можат да седат само членови на исто домаќинство. Во Црна Гора со задолжително носење на заштитни маски, хотелите и рестораните ќе почнат да работат од 18-ти Мај, а во Грција на 1 јуни.