Тргнаа првите седум автобуси на гас кон Скопје

0
66

Првите седум од 33 автобуси на гас, или како што ги нарекуваат хрватите „црвени лавови“ вчера тргнаа од Загреб за Скопје, е напишано на фејсбук страницата на скопскиот градоначалник Петре Шилегов.

-Некогаш треба да си упорен, Секогаш треба да веруваш. Моето, твоето, нашето Скопје…-напишал на својата фејсбук страница Шилегов.

Иако, скопскиот градоначалник последно најави дека првите десет автобуси на гас ќе пристигнат во март , тоа не се случи, заради пандемијата од корона вирусот и затворените граници.

Инаку, според првичната најава на Шилегов првите три од вкупно 33 нови еко-автобуси на гас требаше да пристигнат на почетокот на февруари годинава од хрватската компанија „Ауто Хрватска“, со која Градот потпиша договор на 25 септември, минатата година. Тој тогаш информираше дека набавката ќе биде сукцесивна , односно дека до крајот на март, се очекува да пристигнат половина од автобусите, а во мај треба да пристигнат сите.

Според договорот кој беше потпишан лани во септември, ќе бидат набавени вкупно 33 нископодни автобуси, 21 единечен со капацитет за 81 патник и 12 зглобни за 149 патници. Автобусите ќе имаат мотори еуро 6 стандард и во нив ќе има дополнителна опрема, како што се вградени полначи за телефони. Со новите еколошки автобуси годишно ќе се заштедат 25.000 евра за гориво во споредба со двокатните кинески и воопшто нема да загадуваат, бидејќи емитуваат незначителна концентрација на ПМ честички. Ќе прават годишна потрошувачка од 16.418 евра.

Инаку, на 28 јануари годинава беше потпишан договор во Министерството за финансии за обезбедување заем од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во вредност од 10 милиони евра за обезбедување на еко автобусите на плин и 1,8 милиони евра од сопствени средства на ЈСП. Договорот го потпишаа тогашниот министер за финансии Драган Тевдовски, заменик-директорката на ЕБОР за општинска и еколошка инфраструктура, Лин О’Грејди, скопскиот градоначалник Петре Шилегов и директорот на ЈСП, Кристијан Чушков.