Шкариќ: Истата секунда штом заврши вонредната состојба, продолжуваат изборните дејствија

0
80

Универзитетскиот професор Светомир Шкариќ смета дека изборните дејства треба да продолжат во истиот момент штом заврши вонредната состојба.

„Истата секунда штом ќе заврши вонредната состојба, продолжуваат изборните дејствија. По престанок од вонредната состојба остануваат уште 28 дена за пополнување на рокот од 60 дена за што Уставот е дециден. Ако тој рок се пробие Уставниот суд може изборите да ги прогласи за неуставни“, изјави Шкариќ во гостувањето на „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“.

Уставот, смета тој, не може да се толкува само со читање на неговите одредби, туку е потребно и теориско познавање. Прашањето со распуштање на Собранието е тесно поврзана со теоријата на парламентаризмот. Според него, без познавање на таа теорија не може да се даде точно толкување на значењето на самораспуштањето.

„Нашето Собрание се распушта или самораспушта само во случај на предвремени избори. Се распушта од внатре по предлог на пратенцитите. Во другите земји со вистински модел на парламентаризмот, тој се распушта под притисок на надворешни фактори. Кај нас штом се распушта, се распушта заради тоа да се оди на предвремени избори, а штом се оди на предвремени избори мандатот на пратениците престанува“ изјави Шкариќ.

Смислата на одредбата дека Собранието е во постојано заседание, укажува универзитетскиот професор, значи дека Собранието само одлучува кога ќе има седница. Но, тоа, додава, Шкариќ, важи само за редовното Собрание.

„Штом ќе се распушти, готово е. Кога се пишуваше Уставот предвидена е вонредна, воена состојба, но никој не размислувал што ќе се случи ако Собранието се распушти пред настапот на таквата сосотојба“, вели Шкариќ и додава дека Уставниот суд стои на ист став.