Џонсон претстави план за ублажување на мерките во Британија

0
71

Британскиот премиер Борис Џонсон објави одлука за благо олеснување на забраните воведени поради пандемијата. Во телевизискиот говор синоќа, Џонсон им рече на Британците дека оние што не можат да работат од дома, како што се градежни и производствени работници, „треба да бидат охрабрени да одат на работа“ од денеска. Сепак, тој додаде дека тие не треба да користат јавен превоз и да бидат далеку едни од други на работа.

Тој изјави дека од среда ќе се укине ограничувањето за рекреација надвор еднаш на ден. Британците исто така ќе можат да се сончаат, да патуваат со автомобил во други градови и да спортуваат, но само со членови на истото домаќинство. Џонсон, кој беше лекуван во болницата од ковид-19 една недела, истакна дека во јавноста сите сè уште мора да го почитуваат правилото за зачувување на оддалеченоста од другите луѓе и дека казните ќе бидат зголемени доколку се прекрши ова правило.