145 милиони евра поврат на ДДВ кон фирмите од почетокот на годинава

0
84

Од почетокот на годината заклучно април фирмите добиле поврат на ДДВ од 145 милиони евра. Тоа е за 16,7% повеќе во однос на претходната година. Само за месец април повратот на ДДВ кон компаниите е 38 милиони евра или за 23% повеќе во однос на истиот месец лани.

Во однос на 2018 година повратот на ДДВ за периодот јануари април е зголемен за 19,4%, додека во однос на 2017 за високи 67,6% повеќе.

Министерката за финансии Нина Ангеловска посочува дека во услови на најголемата здравствено-економска криза, клучно е одржувањето на ликвидноста на стопанството. Брзиот поврат на ДДВ е една од редовните активности кои се преземаат во таа насока.

Кон подобрување на ликвидноста на фирмите се дејствува и преку мерките кои ги донесе Владата во двата сета антикризани мерки, како бескаматните кредити од линиите „Ковид 1″ и „Ковид 2″ на Развојната банка на Северна Македонија, во вкупен износ од 13,7 милиони евра, коишто се од големо значење бидејќи ги таргетираат микро, малите и средни претпријатија. Наскоро преку комерцијалните банки ќе биде пласирана линија евтини кредити во износ од 51 милион евра.

Извор 24инфо