Бараа обединување за претседател Албанец – зошто сега АА и Беса не ѝ подаваат рака на ДУИ за премиер Албанец?

Пред една година Движењето Беса и Алијанса за Албанците бараа обединување на албанскиот глас за поддршка на кандидат Албанец за претседател на државата.

„Кога мислат дека можат да постигнат консензус или договор, како што вели нашиот драг професор, со другите, со соседот пред да склучат договор со братот, треба да знаат дека грешат, бидејќи другите не нѐ сметаат еднакви со нив“, истакна Биљал Касами.

„Давајте порака за политичкиот континуитет на Албанците тука во Северна Македонија, а не за срамот на претворање на водењето политика во вазали и чираци и во ограноци на ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ“, посочи Зијадин Села.

Но, по една година, овие два политички субјекти не ѝ подаваат рака на ДУИ за премиер Албанец. Но, зошто е тоа така? Ниту Алијанса, ниту Беса не ја оспоруваат идејата, но имаат сомнежи во однос на предлагачот – ДУИ. Генералниот секретар на Беса, Аријанит Хоџа, вели дека се сомневаат во сериозноста на ДУИ за ова прашање, потсетувајќи дека партијата на Ахмети не им излезе во пресрет на претседателските избори.

ТВ21: Со оглед на тоа што ДУИ направи грешка и не ја поддржа вашата коалиција за Река, вие сега ќе ја поддржите идејата за премиер Албанец?

Aријанит Xоџа: „Ние сме во процес кога се знаат листите, носителите и се знае кои се потенцијалните мандатари за формирање Влада. Ако оваа идеја на ДУИ беше искрена, требаше да ја предложат на изборите кои требаше да се одржат на 12 април. Причината зошто ја предлагаат сега е прво – дефокусирање од 18-годишните неуспеси на ДУИ и второ – нејзиниот можен пад на претстојните избори“.

Хоџа е убеден дека еден ден во Северна Македонија ќе има премиер Албанец, но додава дека тој пат подобро започнал со коалицијата Беса-СДСМ, отколку со предлогот на ДУИ. Ниту Алијанса за Албанците не е против идејата за премиер Албанец, но велат дека оваа идеја на ДУИ доаѓа од нивниот страв од пораз.

„ДУИ 6 пати победуваше на избори, и тоа заедно со Црвенковски, заедно со Бучковски, Хари Костов, Груевски, Зоран Заев. Јас не знам, 6 пати победуваат, макар еднаш да побараа премиерот да биде Албанец, никогаш немам слушнато такво нешто. Јас ја разбирам оваа загриженост, не ја оспоруваме идејата, а ниту пак сме против. Тие се во паника од пораз на изборите“, посочи Арбен Таравари.

На ваков став е и Алтернатива.

„Мислам дека барањето на ДУИ за премиер е само од една силна причина, а тоа е дека ДУИ себе си се гледа во опозиција“, порача Скендер Реџепи.

Пред неколку дена, на 18-годишнината од основањето, ДУИ излезе со јасна цел – на овие избори Северна Македонија да го добие првиот премиер Албанец.

Извор Тв21