Бајден го посети семејството на убиениот Флојд: „Мислам дека тој ќе го промени светот“

Кандидатот на демократите за претседателските избори во САД, Џо Бајден изјави дека судбината на убиениот Афроамериканец Џорџ Флојд ќе го промени светот. По средбата со семејството на Флојд во Хјустон, на која тој изрази сочувство, Бајден за „Си-Би-Ес“ изјави дека неговата смрт е „една од клучните точки во американската историја“.

Убиството на Афроамериканецот Џорџ Флојд за време на апсењето предизвика антирасистички протести низ целиот свет. Погребот на Флојд ќе се одржи денес во Хјустон.

„Тие се неверојатно семејство, неговата мала ќерка беше таму, таа рече дека тато ќе го промени светот и навистина мислам дека нејзиниот татко ќе го промени светот. Мислам дека она што се случи е еден од клучните моменти во американската историја, навистина, кога станува збор за граѓанските слободи, правата и постапувањето кон луѓето со достоинство“, изјави тој.

Претставник на семејството на Флојд, Бенџамин Крамп, кој сподели фотографија од средбата на Твитер, ги поздрави изјавите на Бајден.

„Тоа сочувство значеше многу за ова тажно семејство“, рече тој.