Вучиќ: Укинувањето на таксите е добра одлука на Приштина

Српскиот претседателот Александар Вушиќ, по повод одлуката на новата косовска Влада за укинувањето на таксите на стоките од Србија, изјави дека е добро да се укинат сите трговски забрани меѓу Белград и Приштина, јави дописникот на МИА од Белград.

-Јас верувам во силата на српската економија и силата на српските компании, изјави Вучиќ на ТВ Прва.

Тој кажа дека верува оти може да се воспостави добар деловен однос помеѓу Србите и Албанците во кој сите можат да имаат огромна корист.

Вучиќ оцени дека веднаш по изборите во Србија, го очекува во Белград и Приштина претставникот на Европската унија за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лачјак, како и дека претстои разговор и со американскиот претставник Ричард Гренел.

-Јас нема да го измамувам народот, нема тука среќно решение за нас, со кое ние би биле особено задоволни, кажа Вучиќ за ТВ Прва на прашањето за можноста за продолжување на дијалогот меѓу Белград и Приштина.

Тој оцени дека „пред нас имаме шест месеци или една година на тешка политичка борба за интересот на народот и Србија.“

На прашањето дали очекува ултиматум од западните земји, тој кажа дека очекува „притисок“ и дека „Косово е дете на Америка, Германија и на некои други западни земји“.

Во врска со неговото писмо до кинескиот претседател Си Џинпинг, по повод усвојувањето на кинескиот закон во врска со Хонг Конг, Вучиќ кажа дека тоа не било добро примено во Европа и Америка и додаде: „Јас ја водам политиката на независна земја која се грижи за сопствените интереси“.

Во врска со лошите односи со Црна Гора, тој кажа дека ќе го покани претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, на разговор веднаш по изборите во Србија, дека тој е секогаш подготвен за разговор и дека се надева дека Ѓукановиќ ќе одговори на поканата.

Вучиќ не сакаше да ја коментира изјавата на министерот за надворешни работи на Црна Гора, Срѓан Дармановиќ, дека „засега нема потреба да се алармира НАТО за тековните несогласувања со Србија“.

-И таму наскоро ќе се одржат избори. Погледнете какви се идеи не им паѓаат на луѓето пред избори, па зошто да не и ним во Црна Гора, кажа српскиот претседател.