Почина првиот медиумски работник од Ковид-19, техничар во телевизија во Лабуништа

Четириесет и четиригодишниот пациент од Струга кој беше објавен во вчерашната статистика на починати од ковид-19 бил вработен во локалната телевизија во струшкото село Лабуништа, „Спектра“.

-По кратко боледување утринава на 44-тата година од животот на клиничкиот центар 8 Септември во Скопје почина нашиот колега Беким Бајрамоски, техничар во Телевизија Спектра. Денес добивме жална вест која на сите нас многу не растажи.

Се сеќаваме на нашиот колега, брат, другар, наш лабуништанец, Беким Бајрамоски како човек со благородна душа, мирен и работлив, сооштија вчера од телевизијата во која работеше.

Бајрамоски е првиот медиумски работник кој настрада од новиот корона вирус. Само во Лабуништа досега од корона вирусот починаа 16 жители, а во целиот струшки регион вкупната бројка е 20 починати. Од Центарот за јавно здравје во Охрид соопштија дека Бајрамоски најверојатно се заразил од контакти во неговото семејство.

Извор Фокус