Собранието на Косово утре треба гласа за новата Влада предводена од Авдула Хоти

Косовските пратеници се очекува утре да гласаат за новата влада предводена од Авдула Хоти од ДСК. Шефот на парламентарната група на оваа партија, Арбен Гаши, информираше дека веќе ги обезбедиле потребните мандати за да се изгласа Владата.

„Сигурни сме. Свикавме седница за утре во 11 часот на која секој пратеник ќе гласа врз основа на своето убедување“, рече Арбен Гаши, ДСК.

Шефот на парламентарната група на движењето Самоопределување, Реџеп Селими рече дека во утрешната седница пратениците од оваа партија ќе постапат согласно нивниот мандат.

„Движењето Самоопределување, како и секогаш и утре, ќе биде на страната на правото на граѓаните да изберат свои избраници, ќе биде во согласност со своите политички позиции и секој пратеник ќе биде во согласност со неговиот мандат и довербата на граѓаните“, рече Реџеп Селими, Самоопределување.

На прашањето дали може да се очекува солзавец или протести на плоштадот во Приштина, Селими наведе:

„Утре ќе бидеме во согласност со нашиот мандат и не можеме да дозволиме да бидеме предвидливи пред нашите противници за сега да кажам нешто пред јавноста“, изјави Реџеп Селими, заменик на Самоопределување.

По гласањето недоверба на Владата предводена од Албин Курти, ДСК формираше коалиција со Алијансата за иднината на Косово, Социјалдемократската иницијатива и со малцинствата. На последните парламентарни избори од 6 ноември минатата година, ДСК беше втора по број на освоени пратеници. Ако владата на Хоти утре биде изгласана, тогаш за првпат Косово ќе има влада предводена од партија што не победила на изборите.