Трамп преместува војници во Вашингтон

Илјадници луѓе и синоќа протестираа во повеќе градови во САД поради смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд, пред Белата куќа и по почетокот на полицискиот час. Во Вашингтон се засилува присуството на војската.

Американската војска, според сопствени наводи, преместила околу 1600 војници во воени бази околу Вашингтон, за во случај на потреба, да можат да ја поддржат полицијата со оглед на протестите кои не стивнуваат.

Воената полиција и инфантеристи се во состојба на готовност во случај да притреба нивна поддршка, изјави портпарол на Министерството за одбрана на САД, а преместувањето на војниците го наредил министерот за одбрана Марк Еспер.

Новинската агенција АП објави дека околу 700 војници се падобранци чија база се наоѓа во Форт Бреџ, Северна Каролина, тие се преместени на периферијата на американскиот главен град и се целосно вооружени.

Американскиот претседател Доналд Трамп во понеделникот најави намера да ангажира илјадници тешко вооружени војници за да ги оконча безредијата на маргините на мирните протести, кои започнаа поради смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд, жртва на насилна полициска интервенција.