Туристичките работници: Ваучерите од 6.000 денари се промашена работа

Шесте илјади денари кои се наменети за одмор на лицата со ниски примања во некои од домашните туристички капацитети, се непотребно фрлени пари, сметаат од туристичкиот сектор во Охрид. Туристичкиот водич и професор на Факултетот за туризам во Охрид, Климент Наумов, за Алсат вели дека овие средства се недоволни и ваквата мерка е целосно промашена.

„Приоритет може да биде инфраструктурна подготвеност и градење на пристапните патишта до Охрид. Со 100 евра вие не можете денот да го поминете, а камоли да се опуштите и да уживате во туристичкото патување“, рече Климент Наумов-професор на факултетот за туризам во Охрид.

Наумов вели дека до граѓаните во овој момент не им е дојдено до шетање, особено не на оние кои се со ниски примања.

„Со оглед на тоа дека за еден добар одмор за едно четири члено семејство треба помеѓу 400 и 500 евра во хотел со четири ѕвезди, таа помош сметам дека нема да биде доволна, затоа што тие што ќе ја добијат таа помош се една категорија на луѓе кои остатокот не ќе можат да го доплатат за да може да ја искористат“, вели Јаким Маленко-сопственик на туристичка агенција.

Мерката предвидува сите вработени граѓани кои имаат приходи кои не надминуваат 15.000 денари месечно да добијат ваучер од 6.000 денари кој ќе можат да го искористат во домашните туристички објекти, но и платежна картичка од 3.000 денари која ќе може да ја користат во сите угостителски објекти во државата. Ваучерите ќе можат да ги користат од 15 јули 2020 година до 15 декември 2020 година. Туризмот во Охрид и Струга сериозно ги чувствува последиците од кризата.

Извор АлсатМ