Угостителски објекти добија прекршочни или кривични пријави за кршење на протоколите за работа

Пазарниот инспекторат почна да ги казнува угостителите кои не ги почитуваат пропишаните протоколи за работа. Викендов 11 угостителски објекти низ Македонија биле санкционирани со прекршочни, а еден локал добил и кривична пријава. Вкупно 12. Казна заработиле локали од Скопје, Дебар, Струга и Тетово. Затворен бил и луна парк во Горно Лисиче. Глетката била страшна. Не се почитувале никакви превентивни правила, плус таков тип на дејност не смее да работи.

„Во 12 објекти не се почитувало правилото за групирање на повеќе луѓе, немало растојание помеѓу масите, пристигнувале луѓе во групи. Се примале гости и внатре во објектите. Имаме непочитување на работно време и по 22 часот“, рече Стојко Пауновски, директор на Пазарен инспекторат.

Правилата кои ги препиша Комисијата за заразни болести ќе останат исти. можни се само измени на одредени детали во протоколите, вели за Алсат Арменд Арслани кој е член на Комисијата и заменик министер за здравство.

„Апелирам, свеста на граѓаните при посета на угостителските објекти да биде на високо ниво. Да се почитува препораката и доколку на една маса седат повеќе од две лица, тие треба да бидат од најтесниот круг на семејството“, рече Арменд Арслани министер за здравство.

Мартин Ангеловски, претставникот на угостителите, на својот Фејсбук профил истакна дека препораките во угостителскиот сектор се почитуваат во целост. Неколку негативни случаи на цела територија на Македонија не треба да ја расипува сликата.

„Непочитувања има во сите аспекти на нашето живеење, затоа има и санкции, но неправедно е кога сите ќе се стават во ист „кош“. Пореален проблем е колку угостители ќе успеат да ја пребродат кризата и да ги задржат вработените во услови кога после долго неработење се среќаваме со редуциран пазар, интерес и куповна моќ“, рече Мартин Ангеловски, претседател на групација на угостители.

Инспекторатот смета дека за разлика од првиот ден кога се отворија кафеаните, угостителите и гостите се многу подисциплинирани. Угостителите остануваат на ставот дека протоколите мора да се дефинираат подобро за да нема различно толкување на правилата од страна на инспекторите, гостите и сопствениците на угостителски објекти.

Извор АлсатМ