Филипче: Непочитувањето на мерките за заштита го донесе овој втор бран на Ковид-19

Непочитувањето на мерките за заштита го донесе овој втор бран на коронавирусот во нашата земја. Сите треба да извлечеме поука од тоа. Успеавме добро да го амортизираме првиот бран и многу побезболно, па и од многу други земји да ја ставиме епидемијата во контрола. Во даден момент оние кои не ги почитуваа мерките на заштита, мерките за лична заштита, превенција, ниту пак рестриктивните мерки што беа воведени го загрозија и сопственото и колективното здравје и ги ставија во многу незавидна позиција сите останати граѓани кои многу доследно се придржуваа до превентивните мерки.

Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за здравство Венко Филипче, кој апелираше до граѓаните да се почитуваат мерките, до надлежните институции за контрола во спроведувањето на мерките, заради тоа што секое прекршување мора да се детектира и да се санкционира.

– И овој пат потенцирам дека вирусот е тука, дека тој останува, дека мора да научиме да живееме со него. Целиот свет впрочем продолжува да живее со вирусот, а овие превентивни мерки се практично универзални и се темелат на истите принципи – на носењето на маска, одржување на физичката дистанца, хигиената, дезинфекцијата и други мерки и други форми на мерки практично нема никаде во ниту една друга земја во светот. Само со почитување на овие принципи можеме да ставиме крај на епидемијата. Дисциплината на граѓаните, личната, колективната одговорност побрзо ќе не врати кон нормализирање на нашиот живот, додаде Филипче на прес-конференцијата.