Хаг подигна обвиненија против Хашим Тачи и Кадри Весели за воени злосторства

Хашкото обвинение против Хашим Тачи и Кадри Весели содржи десет точки за разгледување во кои претседателот на Косово, првиот човек на Демократската партија, но и неколкумина други чиј идентитет не се открива, се обвинети за злосторства против човештвото и воени злосторства, вклучително и убиства , киднапирања, прогонувања и тортури.

„Во обвинението се вели дека Хашим Тачи, Кадри Весели и другите осомничени се кривично одговорни за приближно 100 убиства. Злосторствата изнесени во обвинението вклучуваат стотици идентификувани албански, српски и ромски жртви на Косово, како и на политички противници“, се вели во соопштението од Кабинетот на обвинителот.

Обвинението, како што информираат оттаму е резултат на долга истрага и оти судија на претходна постапка во Специјалниот суд го анализира обвинението за да одлучи дали ќе го потврди.

Освен тоа, во соопштението се вели дека Тачи и Весели „тајно презеле кампања за укинување на законот според кој беше формиран Судот, ја опструирале работата на Судот и правеле напори да се избегне правдата.“

Обвинението попладнево предизвика бројни реакции. Организацијата на воените ветерани на ОВК го смета за политичка одлука. Рамуш Харадинај наведе дека Ослободителната војска на Косово водела чиста војна, што резултирало со слобода и формирање на Република Косово. Лидерот на Демократскиот сојуз, Иса Мустафа, рече дека верува оти војната на ОВК ќе биде потврдена како чиста и праведна.

Европската унија пак, соопшти дека е силен поддржувач на Специјалниот суд и Специјалното обвинителство како „важен доказ за посветеноста на Косово за владеењето на правото“, што е исто така клучен елемент на патот на Косово кон ЕУ.

Претставникот на Белата куќа за дијалогот меѓу Косово и Србија, Ричард Гренел потврди дека Хашим Тачи веќе го откажал своето патување во Вашингтон што беше планирано за денеска.