Централен регистар: Ние не ги знаеме приходите и расходите на ИВЗ, нивна е обврската за завршна сметка

Основниот регистар на Верски заедници, црква, религиозни групи го води надлежниот суд, а Централниот регистар ги презема тие податоци согласно Закон за едношалтерски систем во 2005 и 2006 година, кога и биле предвидени законските рокови за преносот на податоците. Вака реагираат од ЦР на чело со директорската Марија Бошковска-Јанковски, откако Антикорупциската комисија соопшти дека Исламската верска заедница 5 години не поднела завршна сметка, а институцијата не реагирала. Во нивната реакција се наведува:

 

 

„Согласно Член 33 од Законот за правната положба на црква, верска заедница и религиозна група стои дека:

(1) Црквата, верската заедница и религиозната група самостојно располагаат со стекнатите приходи, во согласност со закон и со прописите на црквата, верската заедница и религиозната група.

(2) Финансирањето на црквата, верската заедница и религиозната група, како и трошењето на финансиските средства е според регулативата за непрофитните организации и организациите од јавен интерес.

Согласно член 18 од Закон за сметководство на непрофитни организации, непрофитните организации чија што вкупна вредност на имотот или годишниот приход е помал од 2.500 евра во денарска противвредност не се обврзани да составуваат финансиски извештаи и да ги доставуваат во Централен регистар во согласност со одредбите на овој закон.

Тие непрофитни организации се должни да ја водат најмалку книгата за благајната и книгата на приходи и расходи.

Токму поради тоа што согласно Закон за сметководство на непрофитни организации не е задолжително доставувањето на финансиските извештаи, ЦР не поведувал постапки против ниту една верска заедница, црква, религиозни групи .

Од горенаведеното, Централен регистар на Република Северна Македонија не може да знае колкави се нивните приходи кои ги водат во книгите за благајни и книгата на приходи и расходи. Обврската согласно Законот во конкретниов случај е на ИВЗ“.

Извор Фокуc