ВМРО ќе бојкотира избори на 5 или 8 јули

0
87

ВМРО – ДПМНЕ нема да оди на избори ниту на 5 – ти ниту на 8 – ми јули. Лидерот на партијата, Христијан Мицкоски порача дека прифатлив датум за опозицијата е средината на јули, односно околу 15 – тти идниот месец. Како главна причина за разликата во денови ја посочи мисијата на ОБСЕ/ОДИХР која сè уште не е во земјава. Доколку СДСМ инсистира на избори на 5 – ти јули по секоја цена, Мицкоски им најави политичка криза.

„Се согласувам со претседателот Пендаровски дека освен здравствена и економска, ќе имаме и сериозна политичка криза и ВМРО – ДПМНЕ нема да биде дел од тие избори, ниту на петти ниту на осми јули, одма по денешното известување кое го добивме од ОБСЕ. Тогаш претстојат нови чекори за кои јавноста дополнително ќе биде информирана…“, изјави Христијан Мицкоски, Претседател на ВМРО – ДПМНЕ.

Но, Заев на Фејсбук напиша дека повеќе нема одложување на изборите.

„Нема да дозволиме Мицкоски да ја втурне земјата во институционална криза, без Собрание и политичка Влада, нема да дозволиме да биде загрозена безбедноста, сигурноста и здравјето на граѓаните. Ние не сакаме избори без опозиција, но ако Мицкоски се одлучи на тоа, ние ќе покажеме што можеме да направиме во еден мандат без саботажи., напиша Зоран Заев, Претседател на СДСМ.

ДУИ повика да се најде консензус помеѓу сите партии за изборниот ден. Не гледаат проблем во малата разлика во неколку денови за да се има инклузивен процес и учество на сите партии.

Мицкоски го повика шефот на државата да прогласи нова вонредна состојба и датумот за избори да биде кон средината на јули, кога во земјава ќе пристигне и мисијата на ОБСЕ. Од вила Водно велат дека Пендаровски е подготвен да прогласи нова вонредна состојба само ако има меѓупартиски договор на сите политички субјекти со утврден датум.