Германија: Судир меѓу полицијата и лица во карантин во Гетинген

0
87

Германските власти во Долна Саксонија и во Северна Рајна Вестфалија денеска ја повикаа полицијата да помогне во спроведувањето на карантинските мерки по наглиот пораст на новозаразени со коронавирусот во тие региони. Најмалку осум полицајци притоа се повредени во немирите што избувнаа во станбен блок во Гетинген во Долна Саксонија каде во карантин се ставени околу 700 луѓе.

„Околу 200 луѓе се обидоа да излезат надвор, додека 500 од нив ги почитуваа мерките за карантин“, рече денеска Уве Лириг, началник на полицијата во Гетинген.

Полициските службеници биле повредени кога станарите почнале да ги гаѓаат со шишиња и со метални шипки, додаде тој.

И во Северна Рајна Вестфалија властите ставија во карантин 6.500 работници на кланицата „Тенис“ и членови на нивните семејства, бидејќи над 1.000 вработени во овој германски концерн се заразени со Ковид-19. Премиерот на покраината Армин Лашет ги повика конзуларните претставници на Полска, на Бугарија и на Романија да ангажираат преведувачи за да ги убедат работниците да ги почитуваат новите мерки за карантин.

„Вработените и нивните семејства живеат во 1.300 станбени единици каде мора да провериме дали се почитува карантинот“, рече тој, додавајќи дека помага и локалната полиција.

Тој додаде дека на луѓето треба да им се објасни дека доколку се заразени, не треба да бараат да се вратат во нивните матични земји, туку дека ќе ја добијат најдобрата здравствена заштита во Германија.