Драма во Сараево, за да го спаси од пожар таткото морал да го фрли бебето од покрив

0
130

Сараевските полицајци и пожарникари во текот на ноќта спасиле четири лица во драматично гаснење на голем пожар во станбена зграда.

За да го спаси детето од пожарот, таткото од покривот на зградата го фрлил бебето кое полицајците го фатиле.

Како што наведува Министерството за внатрешни работи на Кантонот Сараево, сопружниците кои вчера се нашле во пожарот се тешко повредени, додека уште едно лице и бебето кое има две години се здобиле со полесни повреди, пренесе порталот „Klix.ba“.

Според известувањата на полицијата, службениците се упатиле на местото на настанот откако им е дојавено дека станбена зграда е во пламен и дека се слушаат извици и бука од станарите.

Полицајците по доаѓањето виделе поголем пламен во поткровјето на станбената зграда и луѓе на кровот кои панично бараат помош. Веднаш биле повикани и пожарникарите и екипи на брзата помош.

„Три лица се наоѓаа на работ на кровот на зградата заробени од пламенот кој се ширеше кон нив, а станува збор за жена и маж кој во рацете држеше бебе. Во напад на паника тој сакаше да го фрли бебето од кров за да му го спаси животот“, се наведува во полициското извештај.

Полицајците потоа со помош на неколку граѓани собрани пред зградата пронашле ќебе, кое, како што велат, го рашириле помеѓу себе за мажот да може да го фрли бебето од кровот. По кратко убедување, мажот го фрлил бебето, кое полицајците успеале да го фатат во ќебето. До доаѓањето на брзата помош, бебето го чувала една полицајка.

Пет полицајци му помогнале на загрозениот брачен пар да се спушти по скалите. Тие веднаш ги предупредиле полицајците и пожарникарите дека во поткровјето се наоѓа уште една жена која боледува од срцева болест.

Пожарникарите оваа жена ја нашле онесвестена со видливи изгореници. Успеале да ја изнесат од зградата и да ја пренесат до возилото на брзата помош, каде и е укажана прва помош.

Пожарникарите го гаснеле пожарот до 5 часот наутро, а се претпоставува дека електричната инсталација е причина за избивање на огнот.

Во полицискиот извештај се наведува дека на местото на пожарот била и екипа од електродистрибуција, која го прекинала доводот на електрична енергија до зградата која била во пламен.